Svoboda | Graniru | BBC Russia | Golosameriki | Facebook

Линкови за пристапност

Се намалува карантинот и се укинува дистанцирањето во САД со новите препораки


ЊУЈОРК (АП) - Највисоката агенција за јавно здравје (ЦДЦ) во САД ги олабави своите упатства за ковид-19, отфрлајќи ја препораката Американците да бидат во карантин доколку дојдат во близок контакт со заразено лице.

Центрите за контрола и превенција на болести, исто така, рекоа дека луѓето повеќе не треба да се држат на најмалку 2 метри подалеку од другите.

Промените се водени од признавањето дека - повеќе од две и пол години од почетокот на пандемијата - се проценува дека 95 отсто од Американците на 16 и повеќе години стекнале одредено ниво на имунитет, или од вакцинирање или инфицирани, рекоа претставници на агенцијата.

„Сегашните услови на оваа пандемија се многу различни од оние во последните две години“, рече Грета Масети од ЦДЦ.

Препораките на ЦДЦ важат за сите во САД, но промените би можеле да бидат особено важни за училиштата, кои продолжуваат со наставата овој месец во многу делови од земјата.

Можеби најголемата промена поврзана со образованието е крајот на препораката училиштата да вршат рутинско дневно тестирање, иако таа практика може да се врати во одредени ситуации за време на пораст на инфекции, велат официјалните лица.

ЦДЦ, исто така, ја отфрли препораката за тест во која се вели дека учениците изложени на ковид-19 треба редовно да се тестираат - наместо да се во карантин дома - за да продолжат да одат на училиште. Без препорака за карантин, исчезна и опцијата за тестирање.

Маските продолжуваат да се препорачуваат само во области каде што се смета дека е висок преносот во заедницата или ако некое лице се смета за изложено на висок ризик од тешка болест.

Училишните области низ САД ги намалуваа мерките на претпазливост за ковид-19 во последниве недели, дури и пред ЦДЦ да ги олабави своите упатства.

Маските ќе бидат како опција во повеќето училишни области кога наставата ќе продолжи оваа есен, а некои од најголемите области во државата ги отповикаа или ги елиминираа барањата за тестирање против ковид-19.

Просечните бројки на пријавени случаи и смртни случаи на ковид-19 се релативно ниски ова лето, со околу 100.000 случаи на ден и 300 до 400 смртни случаи.

ЦДЦ претходно соопшти дека ако луѓето кои не се во тек со нивните вакцини против ковид-19 стапат во близок контакт со лице кое се тестирало позитивно, тие треба да останат дома најмалку пет дена. Сега агенцијата вели дека карантинот дома не е неопходен, но ги повикува тие луѓе да носат висококвалитетна маска 10 дена.

Агенцијата продолжува со препораките дека луѓето кои се позитивни треба да се изолираат од другите најмалку пет дена, без разлика дали биле вакцинирани. Претставниците на ЦДЦ советуваат дека луѓето можат да ја прекинат изолацијата ако се без висока температура 24 часа без употреба на лекови и ако се без симптоми или симптомите се подобруваат.

XS
SM
MD
LG