Svoboda | Graniru | BBC Russia | Golosameriki | Facebook

Достапни линкови

Изборниот ринг за лидерите се врати во единица и шестка


Графичка илустрација
Графичка илустрација

На помалку од еден месец од официјалниот старт на кампањата, повеќе партии ги утврдија носителите и листите за пратеници во шесте изборни единици. Најголемите партии со истакнати имиња на првите позиции, а сметките ќе им ги поматата помалите. Само шест жени досега носителки на кандидатските листи.

Лидерските соочувањa во македонскиот блок политички партии на претстојните парламентарни избори се враќаат во „единицата“. Лидерите од албанскиот блок, пак, силите традиционално ќе ги одмерат во „шестката“. Повеќето „шпицни играчи“ на партиите ќе бидат мажи - од досега потврдените листи, има само шест жени кои ќе бидат носителки на листите за пратеници.

Вака во неколку реченици може да се сумира заклучокот за кандидатските листи на политичките партии и коалициите што треба да настапат на избориte закажани за 8 мај.

Рокот за нивно доставување до Државната изборна комисија (ДИК) истекнува на 2 април. Партиите може да достават листи за шесте изборни единици на колку што е поделена државата. Од секоја од нив, во парламентот влегуваат 20 пратеници – која парија колку мандати ќе добие во секоја изборна едница се пресметува според т.н. Донтов модел.

Кампањата ќе започне на 18 април.

СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, Левица, Движењето ЗНАМ на Максим Димитриевски, како и албанската опозиција обединета во коалицијата ВРЕДИ веќе ги објавија носителите. Официјална потврда од поголемите партии нема само од ДУИ.

Како што брифираат партиски избори, причината е што се очекува неделава да има официјална одлука дали крилото на Алијанса за Албанците (АА) предводено од Зијадин Села ќе биде дел од коалицијата на интегративците, па согласно тоа да се дефинираат листите.

Партискиот лидер Али Ахмети на 19 март потпиша коалициски договор со партијата Народно движење на пратеникот Скендер Реџепи, а денеска (25 март) официјално во нивниот „Европски фронт“ треба да се приклучи и ДПА на Мендух Тачи.

Кликнете на фотогалеријата за да ги видите носителите на изборните листи кои до сега ги објавиле партиите

Најмалку тројца лидери во „единицата“

По „излетот“ на парламентарните избори во 2016, кога тогашните лидери на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Никола Груевски се соочија во „четворката“, како и по 2020 кога Заев повторно беше носител во изборната единица четири, а претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски воопшто не беше на листите промовирајќи се себе како „шпицен кандидат за премиер“, сега лидерска пресметката повторно ќе има во „единицата“.

Првата изборна единица го опфаќа најголемиот дел од Скопје и во неа како носители ќе се соочат Димитар Ковачевски и Христијан Мицкоски. Социјалдемократите листите и за овие избори ги промовираат со коносители, па во „единицата“ веднаш зад Ковачевски, се наоѓа коалициската партнерка Моника Зајкова од ЛДП.

Лидерите тука ќе ги предизвика и претседателот на Левица – Димитар Апасиев. Како носителка се очекува да се појави и градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, која неодамна ја презеде партијата Нова Алтернатива.

Од ЗНАМ носител ќе биде Бобан Карапејовски, професор на катедрата за македонски јазик при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје.

Пратеникот Изет Меџити, кој ја напушти ДУИ и ја формираше партијата Демократско движење, пак, ќе ја предводи листата на албанската опозициска коалиција ВРЕДИ. Кога е во прашање ДУИ, пак, меѓу имињата што се вртеа во јавноста, е актуелниот градоначалник на Сарај, Блерим Беџети.

Во „двојката“, која опфаќа неколку скопски општини, како Бутел, Гази Баба, Чаир и Ѓорче Петров, како и Куманово од поголемите општини, социјалдемократите довербата му ја дадоа на доскорашниот министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски. Како негов коносител беше промовиран вицепремиерот за европски прашања Фатмир Битиќи.

Листата на ВМРО-ДПМНЕ, пак, ќе ја предводи пратеникот и партискиот потпретседател Владо Мисајловски.

Кај Левица прв е советникот во Град Скопје и партиски портпарол Амар Мециновиќ. Во ЗНАМ носител ќе биде актуелниот директор на кумановското претпријатие „Чистота и Зеленило“, Даниел Стојчевски.

Во албанскиот блок, лидерот на Алтернатива, Африм Гаши, ќе ја предводи листата на ВРЕДИ. Од ДУИ се шпекулираше со неколку имиња, меѓу кои и актуелниот координатор на пратеничката група, Арбер Адеми.

Кога станува збор за „тројката“ во која влегуваат Велес и градовите од источниот дел на државата, СДСМ за првпат ќе трча со заменик-претседателката и директорката на УЈП, Сања Лукаревска, чиј грб ќе го чува Љупчо Николовски, дополнителен заменик во Министертвото. Во ВМРО-ДПМНЕ носител ќе биде пратеникот Драган Ковачки, а уште еден актуелен пратеник – Борислав Крмов ќе ја предводи листата на Левица.

Пензионираниот генерал-мајор Павле Арсоски ќе биде носител на ЗНАМ.

Албанската опозиција не се очекува да излезе со кандидатска листа во оваа изборна единица, за разлика од ДУИ која извесно дека ќе предложи кандидати.

Камбек на Филипче и Бендевска

Поранешниот министер за здравство во владата на Зоран Заев, Венко Филипче, беше најголемото изненадување од редовите на социјалдемократите кои му ја доделија првата позиција на листата во „четворката“. Коносителка ќе му биде актуелната дополнителна заменичка во Министерското за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска.

Кај нивниот најголем ривал – ВМРО-ДПМНЕ, прв на листата ќе биде уште еден партиски потпретседател, Александар Николоски.

Во оваа изборна единица влегуваат градовите како Струмица, Радовиш и Гевгелија, а советникот токму од оваа општина, Сашко Јанчев ќе биде носител на Левица.

ЗНАМ довербата му ја поклонија на претседателот на Стопанската комора на југоисточна Македонија, Миле Цеков.

Преку кандидатските листи на оваа партија, можност да се врати во собраниските клупи има Весна Бендевска, која е поранешна пратеничка на СДСМ и експретседателка на Комисијата за заштита од дискриминација. Таа ќе биде носителка на ЗНАМ во петтата изборна единица каде влегуваат Битола, Охрид, Струга, Крушево, Кичево...

Актуелниот претседател на парламентот, Јован Митрески, ќе ја предводи листата на СДСМ, а негова коносителка ќе биде министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска.

ВМРО-ДПМНЕ, пак, гласови од граѓаните ќе бара со генералниот секретар на партијата, Ѓорѓија Сајкоски.

И генералната секретарка на Левица, Јована Мојсоска, ќе ја предводи листата на оваа партија во „петката“.

Кај албанскиот блок, пак, засега нема официјално потврдени имиња. Во опозициската ВРЕДИ првото место треба да го заземе член на Алијанса на Албанците од крилото на Арбен Таравари.

Кај ДУИ, пак, е неизвесно бидејќи неофицијално местото се чува за Зијадин Села доколку тој одлучи да се приклучи на коалицијата.

Ахмети и Касами на двобој во „шестката“, женска пресметка меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ

Кога станува збор за интегративците, се чини дека работата е јасна за „шестката“ каде традиционално носител ќе биде Али Ахмети. Од ВРЕДИ, него ќе го предизвика актуелниот градоначалник на Тетово и лидер на Беса, Биљал Касами.

Покрај Тетово, во оваа изборна едница влегуваат и Гостивар, Дебар, Зајас, Центар Жупа и др.

Кај СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, носителите ќе бидат жени. Од социјалдемократите ќе биде актуелната министерка за одбрана Славјанка Петровска, која зад себе ќе го има Агрон Демири, додека кај најголемата опозициска партија тоа ќе биде пратеничката Дафина Стојаноска.

Левица, пак, се одлучи за советникот во Општина Центар, Игор Димески, а ЗНАМ за правникот Небојша Захариевски.

Од дијаспората, која, е условно седмата изборна единица, ќе нема пратеници бидејќи не се пријавија доволно гласачи.

Парламентарните избори, на кои партиите со овие носители на листи ќе бараат мандат повеќе во идниот собраниски состав, ќе бидат 11. по ред од 1990 година. На 8 мај, граѓаните ќе гласаат и во втор круг претседателски избори. Првиот круг од изборот за шеф на државата ќе се одржи на 24 април, а во трка се седуммина кандидати.

  • Александар Самарџиски

    Александар Самарџиски ја започнал новинарската кариера во дневниот весник „Нова Македонија“ во 2014 година. Потоа работел како новинар во порталот „Плусинфо“ и во интернет-изданието на „360 степени“. Од септември 2023 година работи како новинар во Радио Слободна Европа. 

XS
SM
MD
LG