Svoboda | Graniru | BBC Russia | Golosameriki | Facebook

Достапни линкови

Фирма-ќерка на „Еколог“ ќе го реконструира градскиот стадион во Тетово


Градски стадион во Тетово (илустрација)
Градски стадион во Тетово (илустрација)

Oпштина Тетово преку ЈП „Транспорт Тетово“ склучи договор со компанијата „Е - Проперти“ за изградба и реконструкција на градскиот стадион, спортски центар и фудбалско игралиште. Вредноста на договорот е 11,5 милиони евра, а го доби фирма во сопственост на „Еколог интернешнл“, фирма која (ин)директно се поврзуваше со фабриката за производството на електрични автомобили.

И должници и инвеститори. И покрај тоа што и општина Тетово како инвеститор и јавното претпријатие „Тетово Транспорт“ кое ќе го реализира тендерот за реконструкција на градскиот стадион и други спортски објекти се во долгови, сепак, влегуваат во милионска инвестиција.

На 18 март 2024 година, ЈП „Тетово Транспорт“ склучи договор со компанијата „Е-Проперти“ од истоимениот град за сума од 11,5 милиони евра со вклучен ДДВ.

Според договорот објавен на Бирото за јавни набавки, рокот за кој треба да бидат завршени градежните работи е за три години. Како што објаснуваат од општина Тетово, по тој рок ќе и бидат исплатени парите на компанијата.

„Парите за оваа инвестиција општина Тетово ги обезбеди преку својот претходно утврден финансиски план, а плаќањето ќе почне да се врши после три години. Инаку, општината го идентификуваше секторот за спортска инфраструктура како приоритет и успеа да обезбеди средства за оваа намена со користење на постоечките ресурси и внимателно планирање на јавните финансии“, велат од општината за РСЕ.

Според последните официјални податоци на Министерството за финансии за последниот квартал од 2023 година, Тетово е најзадолжена општина во Северна Македонија со доспеани, а неплатени обврски во вредност од 513.544.758 денари или 8,350,321 евра.

Моменталниот долг на ЈП „Тетово -Трапнспорт“ изнесува 1.430.925 денари или 23,267 евра. Како што наведуваат од општина Тетово, овој долг е наследен од претходните гарнитури кои го раководеле претпријатието, кое е основано од општината во 2019 година.

На прашањето зошто општината влегува во инвестициски потфат во услови на наталожени долгови, од кабинетот на градоначалникот Биљал Касами одговараат дека „овие инвестиции се чекор кон развој на спортската инфраструктура, додека општината има изготвено јасен финансиски план за реализација на овие проекти и дека оваа инвестиција ќе донесе долгорочни придобивки за заедницата и за локалниот спорт“.

Ќе гради фирма - ќерка на тетовски „Еколог“

Договорот тежок над 11,5 милиони евра го доби компанијата „Е-Проперти“. Проверката во базата за податоци „Бизнис мрежа“ покажува дека е основана во август 2020 година со основачки влог од 26,333,939 евра. Компанијата е во сопственост на „Еколог интернатионал ФЗЕ“.

Основни информации за компанијата „Е-Проперти“ од Бизнис мрежа
Основни информации за компанијата „Е-Проперти“ од Бизнис мрежа

Во моментот кога компанијата е формирана како сопственик фигурирал Љазим Дестани, чие семејство ја поседува интернационалната компанија „Еколог“.

Во Службен весник на Северна Македонија од 5 октомври 2022 година, објавено е и како дошло до окрупнување на „Е-Проперти“. Преку спогодба за присоединување, компанијата НД Реал Естате, чиј основач е исто така „Еколог интернешнл ФЗЕ“, се присоединува кон „Е-Проперти“.

„Причините поради кои се врши присоединувањето на друштвото се од економски аспект, односно потребата од концентрација на капиталот, технологијата,стручниот кадар и работната сила. Целта на присоединувањето е двете друштва да работат како едно, со тоа што друштвото што се присоединува НД Реал Естате Тетово ќе престане да постои како правен субјект без ликвидација и ќе се изврши универзален пренос на целокупниот имот и обврски на ЛД Проперти ДООЕЛ Тетово“, се наведува во образложението објавено во Службен весник.

Одлука за присоединување на двете компании
Одлука за присоединување на двете компании

Ова име компанијата го задржува до 25 октомври 2023 година, кога се менува и добива нов назив „Е-Проперти“, покажува историјатот на „Бизнис мрежа“.

Несудена реконструкција поврзана со „Еколог“

Во 2016 година, медиумите објавија дека сопственикот на ФК Шкендија, кој воедно е и газда на „Еколог интернешнл“ го зеде градскиот стадион под концесија со одлука на Советот на општина Тетово.

Со овој договор, компанијата „ЛД Спорт“ која сопственички се поврзува со двете компании, го добила јавното приватно партнерство со кое се обврзале да инвестираат 7,7 милиони евра за реновирање на стадионот. Но, тоа не се случи.

„Постапката за започнување на реконструкција и изградба на горенаведените објекти беше транспарентна и јавна, со јавен тендер за наддавање на кој се пријавија фирми, од кои фирмата „ЛД Спорт“ имаше потполна документација. Поради непочитување на договорот нивниот договор е спогодбено раскинат и се изземани сите права на партнерот врз објектите“, одговорија од општина Тетово за РСЕ.

Според последниот склучен договор за стадионот и другите два спортски објекти, општина Тетово ќе издвои од сопствен буџет 11.5 милиони евра.

Како ќе изгледа стадионот?

Надворешниот дел од стадионот ќе добие нова фасада. Во описот пишува дека „резултатот ќе изгледа неверојатен ноќе, со осветлени коси линии со фасадно осветлување, кое ќе е незаменлив дел од изгледот, дизајнот и идентитетот на стадионот“.

Во однос на внатрешниот дел, пак, во договорот се наведува дека трибините ќе бидат опремени со модерни седишта во три бои за да се постигне разиграност на просторот.

Tехничкиот опис на понудениот дизајн за градскиот стадион во Тетово
Tехничкиот опис на понудениот дизајн за градскиот стадион во Тетово

„Внатрешните простории на стадионот се предвидува да се уредат задоволувајќи ги најмодерните естетски критериуми за ентериерно уредување на стадиони, со квалитетна истрајна опрема и мебел во зависност од намената на просториите. На јужната трибина, ложите за ВИП гости ќе бидат уредени со полуксузни земјишта. Ложата за новинари ќе биде уредена со седишта и маси по УЕФА стандардите“, наведува компанијата „Е-Проперти“ во техничкиот опис на понудениот дизајн за градскиот стадион во Тетово.

Северна Македонија остана без електрични автомобили

„Е-Проперти“ е компанија во сопственост на „Еколог интернешнл ФЗЕ“. Оваа компанија, пак, изминатиот период (ин)директно се поврзуваше и со инвестицијата со која во Тетово требаше да се отвори фабрика за производство на електрични автомобили.

Договорот владата го потпиша со германската компанија „Е.Го“ во август 2022 година, која подоцна формираше и компанија „Некст Е.Го Мобиле“ во тетовската Технолошко - индустриската развојна зона. На 9 март ТИРЗ Тетово објави дека договорот е раскинат.

Потписник на договорот од страна на компанијата беше Али Везваеи, кој е претседател на бордот на директори на германската „е.ГО“, а исто така е и директор на фирмата „Еколог“.

На церемонијата во ТИРЗ Тетово присуствуваше и Лазим Дестани, татко на основачот на компанијата „Еколог Интернешнл“ Назиф Дестани и сопственик на фудбалскиот клуб Шкендија.

Компаниите „Некст.Е.Го Мобиле“ и „Еколог Интернешнал“ се дел од портфолиото на холдингот со седиште во Холандија - НД Груп (ND Group B.V).

Во август 2022 година и двете компании за РСЕ одговорија дека дека се независни и работат во различни сектори и дека не постои деловен однос помеѓу „Еколог“ и „Некст.Е.Го Мобиле“, освен како акционери во холдингот.

  • Петар Клинчарски

    Петар Клинчарски новинарската кариера ја започнува како репортер во медиумот А1он, подоцна продолжувајќи ја во ТВ Телма. Од 2016-та до 2022-ра година беше дел од емисијата „360 степени“. Од јуни 2023-та година работи како новинар во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG